Објаснувачко новинарство за настаните да добијат контекст

Објаснувачко новинарство за настаните да добијат контекст

Објаснувачкото новинарство е концепт кој на новинарството генерално му дава една нова, модерна димензија во деталното објаснување на информациите и на приказните и најважно, им дава контекст на тие информации, вести, приказни со цел корисниците, односно публиката подобро да ги разберат. Во суштина објаснувачкото новинарство е структурирано новинарство кое дава некаков контекст. Посебно, кога се работи за приказна со продолженија или традиционално попознато како вест во низа.

Објаснувачкото новинарство дава одговор на новинарските прашања „зошто“ и „како“ и се фокусира повеќе на овие прашања за да им даде контекст и повеќе смисла на другите новинарски прашања „кој, што, кога, каде“.

Овој концепт на новинарство се обидува да се издигне над кратките вести и информации, за да им даде на читателите/ките дополнителни информации за приказната и да се погрижи тие на соодветен начин да го разберат развојот на настаните. Меѓутоа, фокусот на содржината не е толку на она што се случило, туку што тоа значи. Ваквиот концепт е попогоден за дигиталните/онлајн изданијата на медиумите бидејќи новинарите со помош на мултимедијални алатки можат многу полесно да ја објаснат веста и информацијата, односно на приказната да и дадат подобар контекст преку различни видови илустрации. Впрочем, на дигиталните изданија на медиумите полесно може да се додаде вест, медиумот да ја означи претходно објавената вест, за со новата да даде контекстуализација и подетално да го објасни настанот, анализата, ситуацијата…

Но, новинарите треба да знаат дека објаснувачкото новинарство бара повеќе истражување за да може некој настан да се стави во некаков контекст со цел подобро да му се објасни на публиката. Треба веднаш да се нагласи дека новинарите не смеат да претпоставуваат во ниеден случај. Туку, мноштвото информации кои ги обработува новинарот, треба да ги провери со релеватни експерти од областа на која работи, на пример, вакцинацијата, да ги провери фактите и колку што е можно поуспешно да ги поврзе информациите за да добие некаков контекст пред било што да објави. Она на што новинарите треба да размислуваат е дали информациите што ги имаат се вредни за објавување (newsworthy)?

Кога зборуваме за мноштво информации, навистина мислиме дека сме изложени на многу информации секојдневно. На пример, се зборува за редовна имунизација на деца, за вакцинација на сезонски грип и слично. Така, прво што новинарот треба да направи е да пребара или истражи кои се прашањата, темите кои се покренуваат од страна на луѓето, пред се на социјалните мрежи, потоа и во секојдневната физичка интеракција со нив. Ако новинарот види дека некои прашања се поактуелни од други, тогаш треба да ги собере, обработи и најважно, да најде одговор за нив. Второ, на основа на многуте прашања, дискусии и слично (trending topics), новинарот сам да покрене некоја дискусија околу најважното прашање и да се обиде да ја ангажира публиката, експертската јавност и слично, за на крај повторно се обиде да објасни зошто се случува некоја појава или некоја ситуација.

Бидјеќи во новинарството се наметна потреба навистина да се објаснуваат настаните и да им се даде смисла, а не само медиумите да објавуваат по повеќе од 100 вести на ден и публиката да се изгуби во сувопарното дневнo известување и на крајот на денот да немаат формирано никакво мислење или да имаат погрешно мислење, големите светски медиуми имаат дури и посебно секции за објаснувачко новинарство.Така, Њуjорк Тајмс на пример, во кратко видео од скоро две минути, се обиде да го објасни овој концепт.

Пулицеровата награда за новинарство во 2022 година е доделена на тим новинари токму за серија текстови кои го практикуваат објаснувачкото новинарство. Во 2021 година, Пулицерова награда за објаснувачко новинарство доби Ројтерс, светската новинска агенција. Медиумите во С.Македонија почнуваат да се интересираат за овој концепт и тој сѐ  уште е во зародиш.


Deprecated: File Тема без sidebar.php is deprecated since version 3.0.0 with no alternative available. Внесете sidebar.php во нацртот на вашата тема. in /home/mimwebs/public_html/mediavac.mk/wp-includes/functions.php on line 5583