Како правилно да се разбере и работи научното новинарство

Како правилно да се разбере и работи научното новинарство

Општата дефиниција за научно новинарство е дека тоа е известување за вести, информации, приказни на теми поврзани со науката, а наменети за општата јавност, на едноставен и разбирлив начин за да може публиката да сфати за што точно се работи. Точноста на таквите информации, приказните поткрепени со факти и релевантни извори се можеби најважните компоненти во научното новинарство.

Овој концепт се покажа како значително важен и влијателен за време на пандемијата со КОВИД-19. Но, не е ништо помалку важен ни кога се известува за вакцините, епидемиите и научните истражувања од оваа област. Иако, целта на научното новинарство, како и на новинарството општо е да ја образува публиката, со поедноставување на фактите за таа да ги разбере, понекогаш и со доза на забава, овој концепт води сметка на преставување релевантни податоци, факти, проверка на фактите, изјави од релевантни стручњаци, но треба и внимателно истражување, цитирање релевантни научни извори.

Јелена Калиниќ е научна новинарка од Босна и Херцеговина и е добитник на втора награда во изборот за европски научен новинар за 2022 година. Според неа, најрелевантни извори на информации за новинари кои сакаат да се посветат на научното новинарство се официјалните здравствени институции, како Светската Здравствена Организација (СЗО/WHO), националните здравствени институции и слично. Тука се и рецензираните научни трудови објавени во најпочитувани научни списанија, како на пример Science, Nature, NEJM, Lancet.

Но, според Калиниќ и тука може да дојде до грешки кои откако ќе станат вирални, потоа институциите тешко може да се справат со „протекувањето“ на таквите информации. Такви грешки може да настанат доколку се објават сурови информации, нерецензирани научни трудови (рецензиите обично ги прават други научници, колеги на авторите на трудот, т.н. peer reviews), изјави на научници кои не се во согласност со консензусот постигнат во научната сфера и слично. Она што е многу важно, а што Калиниќ го потенцира е дека новинарите мора да бидат свесни дека наука не е еден научен труд и дека еден научен труд не го менува научното мнение.

„Постојат објави кои изгледаат како научен труд и кои го имитираат научниот дискурс. А, постои и т.н. лоша наука и научно непочитување. Така, постојат т.н. предаторски списанија во кои секој може да објави сешто и притоа има многу слаба или никаква рецензија. Оние кои што шират дезинформации за вакцините најчесто го користат методот „sealioning“ – оние кои што изнесуваат факти за вакцините ги затрупуваат со голем број лоши трудови, објавени на сомнителни места, често со намерно и погрешно толкување на научните факти“, објаснува Калиниќ.

На основа на Оксфордскиот центар за медицина заснована на докази, таа посочува дека постојат  10 нивоа на докази кои научните новинари и новинарите кои претендираат да известуваат за наука, медицина, вакцинација, треба да ги знаат. Во медицината заснована на докази  највисоко ниво на веродостојни докази обезбедуваат системски прегледи на рандомизирани клинички испитувања. Систематски преглед е научна синтеза на докази за одредена јасно претставена тема користејќи критички методи за идентификување, дефинирање и оценување на истражувањето на темата. Рандомизирано контролирано испитување е форма на научен експеримент што се користи за контрола на фактори кои не се под директна експериментална контрола. Примери за RCT се клинички испитувања кои ги споредуваат ефектите на лековите, хируршки техники, медицински помагала, дијагностички процедури или други медицински третмани.

На дното од пирамидата, на најнисоко ниво се ставовите од индивидуални експерти. Се разбира дека мислењата на експерите не се валидни, туку дека научното новинарство треба да го надополни текстот со наводи од веродостојни студии и релевантни научни истражувања.

“Треба да се обрне внимание на нешто што се нарекува ниво на докази, а највисоко ниво на докази имаат мета-анализите и двојно плацебо контролираните студии, па потоа доаѓаат опсервациските студии. Најнизок степен на докази имаат студиите на случај, студиите на животни и на клеточни ќелии, а најмалку компјутерски симулации. Тие служат само за поставување на хипотезата и не е научен заклучок“, објаснува Калиниќ.

Но, што е исто толку важно на кое треба да се обрне внимание, освен на научните трудови?

Кои се авторите? Од кој Институт доаѓаат? Каде е објавен нивниот труд? Да се провери дали можеби се работи за некое предаторско списание (Beall’s list of potential predatory journals and publishers).

„Кога се пренесуваат научни податоци во јавност треба да се внимава на пристрасноста, односно да се известува без предодредена цел. Секогаш кога резултатите од едно истражување не се во согласност со останатите, тоа треба да се нагласи. Истото важи и за резултатите кои потекнуваат од предклинички истражувања. Не треба да се извлекуваат причинско-последични врски кои не се наведени во оригиналната научна студија“, заклучува професорката Матевска – Гешковска.

Според Јелена Калиниќ, најчести грешки што се прават при научното истражување се:

  • Кога новинарите во својата содржина им даваат простор на стручњаци од друга струка или специјализација, како на пример, гинеколог да зборува за КОВИД-19.
  • Претставување на некој исклучок, некоја ситуација што се случува ретко како правило и како нешто што се случува често, лажен баланс или 50 проценти присутност на провакцинален став и 50 проценти на антивакцинален став иако во праксата тој сооднос е 90 наспрема 10, а можеби и повеќе.
  • Грешка е ако еден експерт се третира како „глас на струката“, повремено известување за вакцините, наместо постојано следење на темата, немање комуникација со стручњаци од други земји, немање проверка и следење на други извори и научна литература.
  • Голема грешка е што повеќето медиуми не практикуваат проверка на факти (fact checking).

Deprecated: File Тема без sidebar.php is deprecated since version 3.0.0 with no alternative available. Внесете sidebar.php во нацртот на вашата тема. in /home/mimwebs/public_html/mediavac.mk/wp-includes/functions.php on line 6031