Дигитално раскажување на приказни за големо општествено влијание

Дигитално раскажување на приказни за големо општествено влијание

Квалитетот на содржината онлајн се подобри во последните 10-15 години заради потребата редакциите да најдат нови начини на известување и „пакување“ на дигиталните облици на известување. Заради потребата на публиката содржината да биде што повеќе визуелна, кратка, но суштинска и желбата да биде вклучена, ангажирана на некој начин. А, најмногу заради развојот на технологијата, постоењето на бројни алатки и сервиси кои на новинарите им стојат на располагање и со кои може да се продуцираат различни приказни, кои во денешно време се познати како дигитална приказна (digital storytelling).

Дигиталните приказни може да се обработуваат со различна должина, но, најчесто се приказни кои имаат подолг формат (long reads). Што значи дигитално обработена приказна? Тоа е налик на репортажното известување, со таа разлика што наместо долг наратив наменет само за еден канал – весник, телевизија или радио, збогатен само со фотографии, само видео запис или само аудио запис, сега една дигитална приказна мора да има повеќе различни дигитални форми на изразување. Така, освен текст, односно наратив, дигиталната приказна мора да има и фотографии/фотогалерија со кратка приказна што ги објаснува фотографиите, кратко видео, аудио запис, интерактивна мапа, графички прикази и слично…Но, една дигитална приказна не мора да ги има сите овие елементи, но, пожелно е да има најмалку три. Целта е публиката што подолго да остане на приказната, да се информира за темата, да се едуцира, но и да се ангажира околу содржината забавувајќи се преку отворање на различните форми во приказната.

Важноста на раскажувачките приказни потковани со мултимедијална содржина значи одржливост на денешните медиуми на пазарот, ја зголемува читаноста/гледаноста и носи профит. Но, заради елементот на ангажираност со публиката (audience engagement), како и слободата на темите кои може да се движат од некоја животна приказна, преку сложена политичка ситуација во некоја земја, до стратегии за развој во образование, на пример. Дополнително, една дигитална приказна не е „врзана“ само за веб-страницата на медиумот. Публиката ја има таа привилегија дигиталните приказни да ги гледаат и преку своите мобилни телефони, таблети и друга подвижна опрема во секое време од денот.

Токму заради сите овие елементи дигиталните приказни не се ексклузивно право само на медиумите. Големи бизнис корпорации, светски познати невладини организации, универзитети и слично во последните години почнаа да го практикуваат дигиталното новинарство за да раскажат дигитална приказна. Ни УНИЦЕФ не е исклучок. Во првата половина од 2022 година, УНИЦЕФ, преку нивната канцеларија за иновации, промовираше еден интересен проект во кој ангажираше група на светски познати автори од жанрот за научна фантастика и ги спои со група тинејџери од различни земји во светот со цел да создадат дигитални приказни за иднината на здравјето. Во овој проект биле вклучени научното списание The Lancet и светски познатиот Financial Times, а целта била создавање на дигитално раскажувачки производ, наречен „Замислување на иднината на здравјето/здравството (Imagining Health Futures) “. Во проектот биле вклучени млади луѓе од 20 земји низ светот. Главната цел била да се поттикне креативното мислење кај младите за теми од здравството и здравствената заштита во дигиталниот свет.


Deprecated: File Тема без sidebar.php is deprecated since version 3.0.0 with no alternative available. Внесете sidebar.php во нацртот на вашата тема. in /home/mimwebs/public_html/mediavac.mk/wp-includes/functions.php on line 5583